Здравство

За болните од канцер на позитивна листа ќе има современа терапија, најавија здравствените власти

20.01.2024 13:15

Хематолошките пациенти со години бараат на позитивната листа на лекови да се најде современа терапија. Велат, ќе имаат поквалитетен живот, а ќе се намали и смртноста. Министерот Меџити најавува ревидирање, но посочи дека најтешко одат преговорите за биолошката терапија...

Во страв и неизвеснот им минува лекувањето на пациентите со хематолошки малигни заболувања. Никогаш не се сигурни дали следниот месец ќе го примат потребниот лек. Биолошката терапија ја набавуваат здравствените установи преку условни буџетот, па честопати поради техничко – административни пречки ја нема со месеци. Со години се борат на позитивната листа да се најде современа терапија. Од здружението ХЕМА – ОНКО објаснуваат дека континуитет при земањето на лекот дава подобар исход во лекувањето.

„Ќе имаат поквалитетен живот, ќе се намали смртноста, ќе се намали финансиската оштета што ја имаат, луѓе продаваат куќи, коли за да можат да се лекуваат. Немаат континуитет, ќе го имаат 5-6 месеци, па ќе го немаат 304 месеци, во првите три години кога треба терапијата да ја земаат редовно, за жал ја немаат секогаш“, изјави Лидија Пецова, претседател на здружението ХЕМА – ОНКО.

Во здружението ХЕМА – ОНКО, немаат надеж дека оваа терапија за скоро време ќе се најде на позитивната листа, која не е обновена речиси 15 години. Министерот за здравство, Меџити, најавува нејзино ревидирање, посочувајќи дека најтешко одат преговорите за биолошката терапија.

„Немаше комисија, немаше протоколи, немаше ништо. Се направивме за овие 10 месеци. При крај сме со сите подготовки, тоа што не успорува цело време се тие бирократски процедури, но не отстапувам. За многу брзо време ќе има двоцифрена бројка на лекови за хронично болните и кои прво нема да имаат голема финансиска импликација“, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Освен биолошка терапија за болните од канцер, здравствените власти најавуваат дека на позитивна листа ќе има десетина современи лекови за кардиоваскуларни и невролошки заболувања.

 

Андријана Ѓурческа