Куманово: Не се утврдени нови локации за закоп на свињите
Во кумановско сè уште не се утврдени нови локации за закоп на свињи. Непознато е каде ќе се закопуваат животни, во случај на појава на ново жариште од африканската чума. Некогашната јама во Куманово е нефункционална. Ветеринарите повикуваат на мерки кои ќе спречат понатамошно ширење...

Општина Куманово вети, но сè уште не утврди нови предлог локации за закоп на угинати свињи од африканска чума. Непознато е каде ќе се закопуваат животните при евентуална појава на ново жариште во кумановско. Во кусиот одговор за македонската телевизија од општината наведуваат дека не е лоцирано ниту местото каде што би била нова јама, бидејќи постоечката во Доброшане е нефункционална. По последниот случај во село Тромаѓа, каде на фарма со 660 угинаа 60 животни, појава на нови жаришта засега нема. Завршено е со закопување на угинатите свињи. На ова реагираа жителите на Речица и Шупли Камен кои не дозволија закоп на животните во нивните села. Стручните лица информираат дека болеста не е пренослива на луѓе и кај други животни, освен од диви на домашни свињи. Преносители може да бидат и луѓето со неодговорно однесување преку облека и обувки.
„Граѓаните не треба да се плашат тоа е нештетно отстранување на мрши. Има процедура тоа се длабоки дупки каде се фрлаат лешевите, закопуваат. Се врши дезинфекција, тоа е под контрола на ветеринарните инспектори“, истакна ветеринарот Зоран Пешевски.
За ветеринарите е многу важна едукација на фармерите и преземање мерки за спречување понатамошно ширење, кое ќе предизвика економска штета за одгледувачите но и за државата. Апелираат фармерите да не вршат незаконско колење и транспорт.
Во кумановско има шест поголеми и триесетина помали фарми. Воведена е заштитна зона од три километри и зона под надзор од 10 километри од потврденото жариште.
Од првиот случај јануари 2022-ра до крајот на декември лани, вкупниот број на угинати и депопулирани и нештетно закопани животни во земјава изнесува 14.381 свиња.
Елена Георгиевска
