Македонија

Голем дел од земјава од изутринава под снежна покривка

20.01.2024 16:35

Студен бран во Македонија, снег и во главниот град. Пообилни снежни врнежи во западните делови од земјава. Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци, зимските служби велат дека се подготвени...

Голем дел од земјава изутринава под снег, а и скопјани за прв пат оваа зима се разбудија под снежна покривка. Вакво време не очекува и во текот на наредната недела, а затоплување се очекува од среда.

Некои се израдуваа на првиот снег што падна во главниот град, а некои со вообичаените проблеми, како да стигнат до саканата дестинација.

Градоначалничката Арсовска одржала координативен состанок на терен со зимската служба и јавните претпријатија. Било констатирано дека градот Скопје е подготвен за одржување и чистење на снежните наноси од коловозите на булеварите, во зимски услови. Поинтензивни врнежи има во западните делови од земјава и на планините. Најголема снежна покривка во Маврово и Попова Шапка.

Од Македонија пат велат дека се на терен со сите расположливи средства. Од Центарот за управување со кризи со апел до возачите и граѓаните.

Снегот донесе проблеми во електродистрибутивната мрежа. Во Куманово и општината Ѓорче Петров настанале дефекти на низок напон, дел се веќе отстранети, дел сè уште се санираат, велат од Електродистрибуција.

 

Ана Јосифоска – Тодоровска