Техничка влада следниот викенд, но дали нејзиниот избор е доведен во прашање?
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ќе предложи министри без да гласа за Џафери за технички премиер. Социјалдемократите велат – ако тие не ги поддржуваат сопствените предлози за техничка влада, нема зошто ниту СДСМ да ги гласа...

Нема да гласаме за составот на владата, а на СДСМ е да одбере дали ќе ги почитува или крши законите, со што ги открива намерите за загрозување на изборниот процес, став на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Од таму велат дека ќе предложат министри и заменици согласно законот за техничка влада, но без да гласаат за техничкиот премиер Џафери, од ДУИ.
„Мачно е да се гледа како Ковачевски буквално го моли ДУИ да му стане партнер на наредните избори. Ковачевски и Заев се на добар пат да ја претопат СДС во социјалдемократски сојуз на ДУИ. Дали тоа го договараа на средбата Заев, Ковачевски и Ахмети, каде единствено со тефтер за запишување на мудрите идеи, дошол Ковачевски. Ваквото политикантство е штетно“, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Од СДСМ велат, ако ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада и не ги поддржува сопствените предлози, тогаш нема зошто ниту пратениците на СДСМ да ги гласаат.
„Ако не заслужуваат предлозите на ДПМНЕ поддршка од пратениците на ДПМНЕ, нема основа тоа да се бара од другите пратеници. Во таков случај, местата на ДПМНЕ во техничката влада треба да останат празни, а мандатарот да предложи Влада во која тие места ќе останат непополнети“, се вели во соопштението на СДСМ.
Реакција и од Либерално демократската партија, од каде велат – изјавите на ВМРО ДПМНЕ се несериозни и го доведуваат во прашање целиот изборен процес. Според нив, неодговорно е ВМРО-ДПМНЕ да се воздржи од гласање за техничката влада и да говори дека истата нема да има легитимитет.
Марија Котовска
