Македонската филхармонија ги претставува најмладите музичари
09.06.2014 13:36
На програмата се дела од Моцарт, Вебер, Брух, Сарасате, Мендес и Виењавски...

Македонската филхармонија традиционално во рамките на својата концертна сезона остава простор за претставување на најмладите таленти, ученици од државните музички училишта во Република Македонија.
Седум млади музичари, по пат на селективни аудиции се избрани за настап со оркестарот. На концертот кој ќе се одржи во Салонот на МОБ во среда, на 11 јуни 2014, со почеток во 20 часот под диригентската палка на Ле Фи Фи како солисти ќе настапат Ивана Јанаќиева (пијано), Мила Јаневска (сопран), Тамара Тодоровска (виолончело), Ева Богоевска (виолина) и Љубица Делева (виолина) од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ - Скопје, Христијан Јовановски (кларинет) од ДМУ - Битола, и Демир Кантуровски (кларинет) од ДМУ „Сергеј Михајлов“ - Штип.
На програмата се дела од Моцарт, Вебер, Брух, Сарасате, Мендес и Виењавски.
Влезот на концертот е слободен.
