ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не гласа за техничката влада, за СДСМ ставот е апсурден
ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повтори ставот дека ќе предложи министри, без да гласа за Џафери за технички премиер. Социјалдемократите велат – ако тие не ги поддржуваат сопствените предлози за техничка влада, нема зошто ниту СДСМ да ги гласа...

Најголемата опозициска партија останува на својот став – нема да гласа за составот на техничката влада, која ќе ја предводи актуелниот собраниски спикер ,Талат Џафери. Правото не познава предлози за министри со „празно место“, Влада не се гласа поединечно, туку во целина, велат од ВМРО-ДПМНЕ, а на Социјалдемократскиот сојуз останува да одбере дали ќе ги крши законите и ќе го загрози изборниот процес.
За СДСМ, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е апсурден. Сметаат дека ако ВМРО ДПМНЕ не ги поддржува сопствените предлози за техничка влада и не сака да ги гласа, нема основа тоа да се бара од другите.
„Доколку пратениците на ДПМНЕ не ги гласаат предлозите од сопствената партија, ниту пратениците на СДСМ, ниту пратениците на други партии од мнозинството нема да ги гласаат. ДПМНЕ согласно закон, како и сите други политички партии што имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа Влада“, стои во реакцијата на СДСМ.
Техничката влада ќе се гласа во Собрание на 28-ми јануари
Марина Стојанова-Тонева
