Струга

Снежните наноси го отежнаа сообраќајот и во југозападниот регион во земјава

21.01.2024 14:08

По снежните врнежи сообраќајот во југозападниот дел од земјава се одвива отежнато. Екипите на „Македонија пат“ на терен, состојбата полека се стабилизира. Од утрово укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила кон Ќафасан...

По снежните врнежи состојбата во Југозападниот регион во земјава се стабилизира. Повеќето патишта се проодни, укината е забраната за сообраќај на тешки возила кон граничниот премин Ќафасан. Особено внимателно возење се препорачува на патот Струга-Дебар поради појава на одрони.

„Сите правци се проодни, се работеше 24 часа непрекинато. Само за еден ден потрошивме 100 кубици абразивен материјал. Како секција, Струга располагаме со три товарни камиони со нож и соларки. А2 магистралниот пат кон Ќафасан беше затворен, но од 08 часот и  30 минути утрово,  забраната е укината“, изјави телефонска изјава Дестан Бајрами, раководител „Македонија пат“ - Струга.

Дел од повисоките планински села на Јабланица, Долни Дримкол и Малесија, остануваат отсечени, но жителите таму се подготвени, нема пријави за помош до ЦУК.

„Потсетивме и апелиравме граѓаните кои живеат на повисоките места, покрај тоа што навремено треба да се снабдат со основни намирници и лекови, препорачавме да се движат внимателно дури и пеш, бидејќи наместа, особено на осојните повисоки места е можна појава на голомразица“, информира во телефонска изјава Илија Бојаровски од ЦУК.

Снежните наноси предизвикаа проблеми со електричното напојување во десеттина села во Кичево, Охрид и Ресен.

 

Соња Рилковска