Здравство

Зголемен број повици во Итната медицинска помош

21.01.2024 15:30

Околу 100 интервенции за едно деноноќие во Итната медицинска помош поради наглиот пад на температурата. Најголем дел од интервенциите се кај хронично болните граѓани. Во ноќните часови, медицинските лица најмногу совети по телефон давале за сезонскиот грип…

Сезонскиот грип освен што ги полни амбулантите и болниците, ги зголеми и повиците кон службата за Итна медицинска помош. На бројот 194, во ноќните часови за совет се јавуваат родители на деца со покачена температура и респираторен вирус. Лекарите имаат повици и од хронично болните и повозрасните лица кои имаат симптоми на грип и се жалат на влошено здравје, честопати кај нив и интервенираат.

„Обично им даваме совети како да се справат со високата температура. Како и кај секој грип, со давање на течности, масирање, ладење. Специфични се хронично болните, повозрасните пациенти кои се со зголемен ризик за компликации од вирусното заболување и тука некогаш има потреба да интервенираме“, изјави д-р Марина Сотировска, раководител на смена во Итната медицинска помош.

За една недела во земјава пријавени се над 1.000 заболени со симптоми на сезонски грип, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Лекарите пикот го очекуваат кон крајот на месецов.

Второто полугодие од учебната година стартува утре. Иако колективниот престој овоможува полесно ширење на вирусите, од комисијата за заразни болести не гледаат опасност од зголемениот број на заболени со симптоми на грип.

Сепак, граѓаните и покрај студеното време, слободниот ден го искористија за прошетка на чист воздух.

Студениот бран со минусни температури во ноќните и утринските часови ќе задржи до средината на следната недела.

 

Андријана Ѓурческа