Во источниот регион фалат пожарникари
Пред сезоната на пожари, дел од општините од источниот регион се соочуваат со недостиг од доволно пожарникари и стара опрема. Сепак и покрај проблемите најавуваат подготвеност...

Поголемиот дел од територијалните противпожарни единици во источниот дел од државата и оваа година се соочувата со старите проблеми, недостиг на доволно опрема и кадар.
„Општина Пробиштип треба да брои 17 пожарникари, а ние сме 10. Еден колега е подолго време на боледување, значи работиме деветмина“, изјави Васе Митревски – командир на ТППЕ Пробиштип.
„Работиме со три цистерни и едно теренско возило „лада нива“, што со оглед на територијата што ја покриваме е многу малку“, смета Димитар Букушовски – командир на ТППЕ Берово.
Источниот регионот има 180.000 жители и 89 пожарникари, а законот предвидуваат по еден пожарникар на секои 1.500 жители. Тоа значи дека на истокот му фалат 30 пожарникари. Од нив најголем проблем со кадар имаат Кочани и Пробиштип, каде се работи со по 10 пожарникари помалку од потребното.
Исклучок е Штип, каде опремата е обновена пред неколку години.
„Располагаме со пет возила и една „Лада нива“, значи комплетно сме опремени со опрема за сите видови интервенции: сообраќајки, поплави, земјотреси“, изјави Кирчо Патраклиев, командир на ТППЕ – Штип.
Во просек, годишно во овој дел од државата, пожарникарите гаснат по 300 – 450 пожари од кои околу 250 се на отворено, а најголема причина за нив е човечкот фактор.
„Ние како полициска станица ќе упатуваме зачестени полициски контроли, се со цел да ги спречиме пожарите“, потенцира Дејан Петров, командир на ПС – Штип.
Иако, пред пожарникарите е сезона на искушенија, тие се едногласни во ставот дека имаат доволно искуство и знаења, да се справат со секоја ситуација, но апелираат на внимателност и коректност од страна на граѓаните.
Оливера Жежова
