Борел со план за мир меѓу Израел и Газа
За израелскиот премиер Нетанјаху, повоените планови кои вклучуваат план кон палестинската државност се неприфатливи, наведувајќи дека за него е најважно да се осигура дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел...

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел го претставува планот од 10 точки за долгорочно решение на израелско-палестинскиот конфликт.
„Мораме да престанеме да зборуваме за мирот, мировниот процес и да почнеме поконкретно да зборуваме за процесот на решение за две држави. Знам дека тие имаат поинаков став. И генералниот секретар на ООН исто така беше конкретен дека е неприфатливо да се каже-не го сакаме ова решение, бидејќи тоа е решение одобрено од ООН и целата меѓународна заедница. И токму затоа мора да разговараме. Затоа сме овде“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
За израелскиот премиер Нетанјаху, повоените планови кои вклучуваат план кон палестинската државност се неприфатливи, наведувајќи дека за него е најважно да се осигура дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел.
„Цврсто стојам на мојот став наспроти големите меѓународни и внатрешни притисоци. Моето инсистирање е она што со години го спречуваше формирањето на палестинска држава која би претставувала егзистенцијална опасност за Израел. Ако некој има поинаков став, нека покаже лидерство и чесно да го каже својот став пред граѓаните на Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
На агендата на Советот за надворешни работи и руската агресија врз Украина. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека ќе има поголема интеракција и комуникација со Европската унија и најблиските соседи на Украина во наредните недели.
„Ние веќе ги одредивме нашите украински приоритети за следните недели. Јасно ја гледаме задачата, како во однос на пакетите што ќе ги зајакнат нашите позиции на фронтот, така и во однос на политичката интеракција со партнерите и во однос на она што е потребно за финансиската стабилност на Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во исто време, во Њујорк состанок на Советот за безбедност на кој ќе учествува шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
