Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Одисеја“
Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Одисеја“ на која ќе бидат изведени дела од скандинавските композитори Едвард Григ и Јан Сибелиус. Диригент е Кристијан Рајф од Германија, а како солистка ќе настапи Афродити Патулиду од Грција...
Германскиот диригент Кристијан Рајф е новоименуван шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска, позиција на којашто ќе остане до сезоната 2025/26. Во изминатиов период, Рајф воспостави висока репутација на светските сцени, особено поради неговата природна музикалност, иновативност и висока техничка прецизност во водењето на оркестрите.
Најистакнатите моменти од сезоната 2023/24 вклучуваат и негови настапи со Симфонискиот оркестар на Синсинати, Симфонијата на Сент Луис, Симфонијата на Сиетл, Симфонијата на Милвоки, Шведскиот радио-симфониски оркестар, Филхармонискиот оркестар на Брно, како и настапот на летниот музички фестивал „Grand Teton“. Рајф беше постојан диригент на Симфонијата на Сан Франциско, како и музички директор на тамошниот младински оркестар.
Сопранот Афродити Патулиду, родена во Солун, Грција, се смета за една од најинтересните пејачки ѕвезди во подем. Таа е и текстописец и фотограф, но негува и огромна страст кон сликарството и поезијата. Настапува во театри како Државната опера во Берлин, Кралскиот театар во Мадрид, Грчката национална опера, во концертни сали како Берлинската филхармонија или„Концертгебау“ во Амстердам. Нејзините улоги на Ана Трулова во „Животот на развратникот“ од Игор Стравински, Ел во „Човечкиот глас“ на Франсис Пуланк, Сузана во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, Белинда во „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл, Софи Шол во „Бела роза“ од Удо Цимерман, се мошне позитивно оценети од меѓународната критика.
Како композиторка, пишува во различни музички манири и жанрови. Живее во Берлин, а студирала на Универзитетот „Македонија“ во Солун, потоа на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел, како и на Универзитетот за уметности во Берлин.