Брисел

Војната меѓу Израел и Хамас нема да се реши со употреба на оружје

22.01.2024 14:42

Состојбите на Блискиот Исток и во Украина – главни теми на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Мировен план од 10 точки и решение со две држави за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт-состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел. Шефот на европската дипломатија, Борел елаборира за долгорочно решение на Блискиот Исток.

„Мораме да престанеме да зборуваме за мирот, мировниот процес и да почнеме поконкретно да зборуваме за процесот на решение за две држави“, изјави Жозеп Борел -висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

Две држави би обезбедиле мирен соживот-вели шефицата на германската дипломатија.

Израел може да има безбедност само кога Палестинците можат да имаат безбедност и достоинство. Затоа решението со две држави е единственото решение“, изјави Аналена Бербок – министерка за надворешни работи на Германија.

За Израел повоените планови на Брисел се неприфатливи. За нив е најважно да се осигури безбедноста и Газа повеќе да не претставува закана.

Хамас многу брутално го нападна Израел и ние мораме да ја вратиме безбедноста. Нашите храбри војници се борат во многу тешки услови за тие две цели-враќањето на заложниците и враќањето на нашата безбедност“, изјави Израел Кац – министер за надворешни работи на Израел.

Војната меѓу Израел и Хамас нема да се реши со употреба на оружје-со ист став Франција, Ирска, Белгија и Летонија.

„Загрижувачки се изјавите на Нетанјаху дека ќе има потреба од палестинска држава со безбедносни гаранции за сите. Тоа се две теми“, рече Стефан Сежурн -француски министер за надворешни работи.

Целосна нормализација на односите меѓу Израел и арапските држави нема да биде можна доколку Тел Авив континуирано и пркоси на меѓународната заедница, предупреди Јордан.

Израел не може да има безбедност сè додека на палестинците им се ускратени нивните права. Конфликтот ги поткопа интересите на сите умерени и ја ослабна позицијата на меѓународните актери преку нивната неможност да ги прекинат борбите“, изјави Ајман Сафади – министер за надворешни работи на Јордан.

На агендата на Советот за надворешни работи и руската агресија врз Украина. Во исто време, во Њујорк состанок на Советот за безбедност на кој учествува шефот на руската дипломатија Лавров.

 

Бојана Крстевски