Алиу: Ако сакаме да ги задржиме работниците дома, платите мора да растат
Платите и во јавниот и во приватниот сектор мора да продолжат да растат за да се спречи егзодусот на работна сила, вели за МТВ универзитетскиот професор и декан на тетовскиот универзитет Абдулменаф Беџети...

Платите и во јавниот и во приватниот сектор мора да продолжат да растат за да се спречи егзодусот на работна сила, вели за МТВ универзитетскиот професор и декан на тетовскиот универзитет, Абдулменаф Беџети. Според него, и ова најавено зголемување е задоцнето, оти зголемувањето на цените на се, веќе го изеде последното зголемување од 10%. Освен минималната, потребно е зголемување и на останатите плати во сите сектори.
И министерот за информатичко општество, Азир Алиу, вели дека платите мора да растат веднаш, ако сакаме да ги задржиме работниците дома. Нема да е проблем што ова се случува во предизборие, оти за тоа, вели, се договарало уште пред една година.
Само минатата година, над 12.000 градежни работници заминале од земјава, а слична е состојбата и во секторите угостителството и туризам. За тоа да се подобри, идните студенти мора да се насочуваат кон стручното образование.
Министерот за информатичко општество и администрација потпиша Меморандум за соработка со повеќе универзитети од земјава, со цел развој на универзитетите и запишување на повеќе студенти.
Инаку, веќе од март, се очекува зголемување на минималната плата на 22.500 денари, а просечната ќе порасне на 39.500 денари.
Борис Грујоски
