Средба Бесими-Руе: Реформите за европската перспектива поддржани од нашите партнери ЕБОР
Приоритетите и реформите коишто ги спроведуваме и не водат на патот до ЕУ и севкупно до побрз развој, раст, подобар стандард за живот и за кои добиваме поддршка од ЕУ и Европската банка за обнова и развој...

Приоритетите и реформите коишто ги спроведуваме и не водат на патот до ЕУ и севкупно до побрз развој, раст, подобар стандард за живот и за кои добиваме поддршка од ЕУ и Европската банка за обнова и развој беа тема денеска на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе.
На средбата стана збор за дополнително финансирање од околу 100 милиони евра за изградбата на гасниот интерконектор со Грција, значаен проект за земјава кој ќе обезбеди стабилност во снабдувањето и диверзификација на изворите, и цевководите Свети Николе-Велес и Гостивар-Кичево.
Со поддршка на ЕБОР досега во земјава се спроведени 175 проекти во вредност од 2,7 милијарди евра од кои 87% се во јавниот сектор. Во моментов портфолиото на проекти кои се во фаза на реализација изнесува 819 милиони евра, а меѓу нив се автопатските делници Букојчани-Кичево од Коридорот 8, Крива Паланка-граничен премин Бугарија исто така од Коридорот 8, автопаска делница Скопје – Блаце, железничката пруга од Куманово кон Бугарија, заеднички граничен премин на Табановце, проекти за пречистителни станици, регионални депонии, фотоволтаични централи и слично.
Средбата се одржа во Скопје на маргините на лидерскиот состанок на земјите од регионот претставници од ЕУ и САД и меѓународни институции посветен на Планот за раст за Западен Балкан.
