Скопје

План за раст од 6 милијарди евра за регионот – лидери од Западен Балкан на состанок во Скопје

22.01.2024 15:02

Економијата и планот за раст на Западен Балкан во фокусот на состанокот на лидери на земјите од Западен Балкан. Најавија соработка и реформи за да ги искористат шест милијарди евра од Европската унија...

Заедничка соработка, економски напредок, заложба за спроведување на реформите со посебен акцент во областа на владеење на право и унапредување на демократијата и човековите права – дел од заклучоците на Самитот за план за раст – предлог на Европската комисија.

Прво реформи, а потоа шесте земји од Западен Балкан ќе ги добијат 6 милијарди евра од планот за економски раст. Целта е да се овозможи пристап до европскиот пазар уште пред државите и формално да станат членки на ЕУ. Премиерот Ковачевски ветува посветеност на реформите, САД бараат храбри одлуки.

Претставникот од Европската комисија оценува дека планот на раст ќе овозможи побрзо пристапување до Унијата.

Дел од лидерите на Западен Балкан потпишаа протокол за унапредување на слободниот проток на работна сила, што ќе овозможи побрз развој на нивните економии.

Целта на планот за раст е удвојување на економиите и надминување на социоекономскиот јаз меѓу државите. Македонија очекува да добие милијарда евра. Според предвидениот, дел од парите ќе биде директно вбризган во националниот буџет, а остатокот во инфраструктурни инвестиции.

 

Марина Стојанова-Тонева