Струмица

Стручен тим ќе работи со родителите на повреденото четиригодишно девојче

22.01.2024 16:09

Стручен тим од Министерството за труд и социјална политика ќе работи со мајката на повреденото девојче хоспитализирано на детската клиника во Скопје за зајакнување на родителските вештини. Во спротивно може да и бидат одземени децата кои во меѓувреме ќе бидат сместени во згрижувачко семејство...

Семејството на четиригодишното дете хоспитализирано на Детската клиника во Скопје е невидливо за државниот систем, немаат никакви лични документи. Останатите малолетни деца од семејството, ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство.

Минатата недела, детето, во лоша здравствена состојба со инфицирани рани и скршени ребра, била донесена во струмичката болница од каде итно префрлена на Детската клиника. Мајката тврди дека повредите кај девојчето биле од напад на куче. За овој случај истрага отвори и Јавното обвинителство.

Доколку Центарот за социјални работи во наредниот период утврди дека нема услови понатаму родителите да се грижат за овие малолетни деца, истите ќе им бидат одземени и сместени во згрижувачки семејства. Паралелно, ќе се чекаат доказите и резултатите од истрагата на Јавното обвинителство за овој случај.

Во наредниот период за семејството ќе биде спроведена и постапка за евиденција во Управата за водење матични книги се со цел, членовите да добијат лични документи и да бидат видливи за државниот систем.

 

Ване Трајков