Израел предлага лидерите на Хамас да ја напуштат Газа
Израел предлага лидерите на Хамас да ја напуштат Газа, како дел од планот за прекин на огнот во Појасот. На маса е и двомесечна пауза за етапно реализирање на мировниот план кој вклучува ослободување на израелските заложници. На фронтот и натаму се водат жестоки борби...

Израел му предлага на Хамас два месеца пауза во борбите и да го напуштат Појасот Газа како дел од договор во повеќе фази, објави Си-Ен-Ен. Договорот би вклучувал ослободување на сите заложници кои се држат во енклавата. Премиерот Нетанјаху изјави претходно дека терористичката група не понудила конкретен предлог за нивно ослободување.
„Во моментов не можеме да зборуваме за какви било преговори или успех на какви било преговори сè додека Нетанјаху постапува на овој начин. Ние сме решени да ставиме крај на агресијата за да го спасиме нашиот народ, но тоа не може да се случи ако Нетанјаху и неговата влада продолжат на овој начин“, изјави Осама Хамдан, ччлен на политичкото биро на Хамас.
На фронтот и натаму жестоки борби. Израелската армија синоќа соопшти дека загубила 200 луѓе за време на копнените операции, а во најсмртоносниот ден за израелската армија загина 21 резервист.
„За време на борбите во центарот на Појасот Газа загинаа 21 борец – резервист. Силите оперираа во област која беше тампон помеѓу израелските заедници во близина на Газа. Проектил очигледно бил испукан од терористите кон тенк кој ги обезбедувал силите и во исто време се случила експлозија во две двокатни згради“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Министрите за надворешни работи на ЕУ се едногласни, создавањето палестинска држава е единствениот веродостоен начин за постигнување мир на Блискиот Исток.
„Сите се согласија дека бројот на загинати цивили е преголем, дека ситуацијата е толку страшна со сериозен недостиг на хуманитарни испораки и пристап. Затоа треба да ги удвоиме нашите напорите со меѓународните партнери да се придвижиме од оваа смртоносна конфронтација кон решение“, изјави шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Не мирува состојбата и во Црвено Море. САД и Велика Британија извршија заеднички воздушни напади врз цели на Хутите во Јемен, потврди Пентагон. Администрацијата на Бајден најави санкции против ирачка авиокомпанија за наводно давање помош на иранско воено крило додека тензиите продолжуваат на Блискиот Исток. Санкциите следат во време кога милициите во Ирак поддржани од Иран вршат редовни напади врз базите во кои се сместени американските сили во Ирак и во Сирија.
Маријана Димовска
