Војниците на АРМ со висока подготвеност во вежбата „Брз Лав 14“

09.06.2014 15:20

Нашите војници високата подготвеност ја покажаа и во пронаоѓање на сомнителен предмет, за кој подоцна (во рамките на вежбата) се утврди дека е импровизирана експлозивна направа, која припадниците на белгиската армија ја уништија со употреба на експлозив...

Припадниците на АРМ, со четата за заштита на силите од борбената група на Европската Унија (ЕУБГ 2014-2), продолжува со учество на вежбата „Брз Лав 14“ која се изведува во Кралството Белгија. На вежбата која официјално беше отворена на петти јуни оваа година, се работат фиктивни сценарија за хуманитарна мисија, поддршка на раселени лица и бегалци и за пронаоѓање и постапка со лица осомничени за воени злосторства, соопштуваат од Армијата. 

На самиот почеток на вежбата, припадниците на 4 механизиран пешадиски баталјон, од составот на 1.механизирана пешадиска бригада на АРМ, успешно се справија со суштинските задачи од мисијата кои опфаќаат постапки со пронајдена изгубена муниција, прием и ескорт на ВИП личности, барање за средба со високи претставници и сл.

Нашите војници високата подготвеност ја покажаа и во пронаоѓање на сомнителен предмет, за кој подоцна (во рамките на вежбата) се утврди дека е импровизирана експлозивна направа, која припадниците на белгиската армија ја уништија со употреба на експлозив.

Припадници на АРМ во оваа вежба учествуваат и во штабот на ЕУБГ 2014-2 чија основна задача е исполнување на листата на суштински задачи и способноста на командата на ЕУБГ да одговори на предизвиците во реонот на упатување. Во овој елемент од борбената група составен дел се и тројца штабни офицери и еден подофицер од АРМ.