ДЗР: Зголемен број на апарати за магнетна резонанца, истите не се доволно искористени
Ревизорите утврдиле дека и покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за МР во Јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени...

Државниот завод за ревизија(ДЗР) изврши ревизија на успешност на тема „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца-МР?“ во периодот од 2019 година до 2022 година.
Ревизорите утврдиле дека и покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за МР во Јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците.
Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат, е под просекот на европските држави кој се движи од 4 до 9 илјади снимања годишно по апарат. Според добиените податоци од Мој термин, во период од 2019 до мај 2023 година евидентирани се вкупно 92.533 прегледи, во кои се вклучени реализираните прегледи со издаден извештај и прегледи за кои не е издаден извештај, во редовен термин и без термин.
