ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Прекин на огнот и ослободување на заложниците во енклавата, предлага Израел

23.01.2024 12:16

Израел предлага прекин на огнот, но лидерите на Хамас да ја напуштат Газа. На маса е и двомесечна пауза за етапно реализирање на мировниот план кој вклучува ослободување на израелските заложници. На фронтот и натаму се водат жестоки борби...

Израел му предлага на Хамас да го напушти Појасот Газа, два месеца пауза во борбите и ослободување на сите заложници што се држат во енклавата како дел од договор во повеќе фази, објави Си-Ен-Ен. На фронтот и натаму жестоки борби. Во израелската копнена офанзива досега загинале 200 војници, а во текот на вчерашниот ден биле убиени над 20 резервисти, најмногу од почетокот на војната.

„За време на борбите во центарот на Појасот Газа загинаа 21 борец – резервист. Силите оперираа во област која беше тампон помеѓу израелските заедници во близина на Газа. Проектил очигледно бил испукан од терористите кон тенк кој ги обезбедувал силите и во исто време се случила експлозија во две двокатни згради“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од Хамас велат дека се отворени за сите посредувања, повторувајќи дека секоја иницијатива треба да се заснова на крај на агресијата што води до размена на затвореници.

„Ние сме решени да ставиме крај на агресијата за да го спасиме нашиот народ, но тоа не може да се случи ако Нетанјаху и неговата влада продолжат на овој начин“, изјави Осама Хамдан, член на политичкото биро на Хамас.

Во меѓувреме, се проширува коалицијата за поддршка на безбедноста во Црвено Море. САД и Велика Британија извршија воздушни напади врз цели на Хутите во Јемен, потврди Пентагон.

„Нападите на Хутите се нелегални, неприфатливи и се длабоко дестабилизирачки. Нов Зеланд придонесува за поморските безбедносни напори на Блискиот Исток за да ги заштити не само нашите витални национални интереси, туку и поредокот заснован на меѓународни правила“, изјави Кристофер Луксон, премиер на Нов Зеланд.

Светските лидери го стегаат обрачот околу милитантните групи. Администрацијата на Бајден воведува санкции против ирачка авиокомпанија за поддршка на иранското воено крило. Австралија воведе дополнителни санкции за борба против тероризмот и финансирање на поединци и ентитети кои имаат врски со Хамас, Хезболах и палестинскиот исламски џихад.

„Штотуку се вратив од Блискиот Исток и она што сакам да го кажам е дека секој пат кон мир бара напредок кон независна палестинска држава и дека тоа е најдобар начин да се обезбеди мир, безбедност и достоинство за палестинските народи, а исто така и за Израелците“, изјави Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.

Хутите поддржани од Иран напаѓаат бродови во регионот, велејќи дека имаат за цел да стават крај на израелската војна во Појасот Газа.

 

Маријана Димовска