Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Литванија, Едуардас Борисовас
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Едуардас Борисовас, новоименуван амбасадор на Република Литванија во Република Северна Македонија, со седиште во Загреб...

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Едуардас Борисовас, новоименуван амбасадор на Република Литванија во Република Северна Македонија, со седиште во Загреб.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателот Пендаровски изрази задоволството од високо развиените билатерални односи помеѓу двете пријателски држави, за кои оцени дека ги карактеризира интензивен политички дијалог и партнерски односи, со надеж за поголема трговска и економска соработка.
Истакнувајќи дека Литванија е важен партнер на Северна Македонија и сојузник во рамки на НАТО, претседателот Пендаровски изрази огромна благодарност за безрезервната и гласна поддршка што Република Литванија во континуитет ја дава на нашиот евро-интегративен процес.
Амбасадорот Борисовас, на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази цврсто уверување дека за безбедна Европа потребна е силна безбедносна архитектура, во која и големите и малите земји ќе се чувствуваат особено заштитени со меѓународното право, под покривот на безбедносниот чадор на НАТО.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот Борисовас му посака успешно извршување на одговорната функција.
