Евакуирани последните наши државјани од Газа
И последните тројца македонски државјани се евакуирани од Газа во текот на изминативе 24 часа. Се работи за мајка со две деца, кои претходно по сопствен избор останале во Газа. До упатувањето во земјава обезбедено им е привремено вдомување во Каиро. На другата страна од Газа, израелските семејства, чии членови се заложници на Хамас упаднаа во Парламентот...

Македонски државјани, мајка со две малолетни деца преку преминот Рафа се пренесени на безбедно во Каиро и привремено се сместени во хотел, вели за МТВ вршителот на должност во Каиро Елма Алторок. До сега тие по сопствен избор не ја напуштале Газа, но откако ги контактирале дипломатските претставништва во Каиро и Тел Авив им била обезбедена асистенција при евакуација, која била доста ризична. Алторок посочува дека се очекува тие веќе утре да бидат во земјава.
На другата страна од Газа, израелските семејства, чии членови се заложници на Хамас упаднаа во Парламентот. Меѓу заложниците е и 19-годишната Наама леви со македонско потекло. Нејзиниот дедо не беше во состојба да сподели информации со нас. Но затоа во Кнесетот гласно проговори Авива Сигел, ослободена заложничка чиј сопруг сè уште е во заробеништво. Таа посочи дека била заробена 51 ден и дека немало ниту една минута да не поминуваат низ злоупотреби во сите форми. Таа додаде дека дел сè уште таму и едвај преживуваат.
„Не можам да замислам што чувствуваат девојките кои сè уште се заробени, не можам повеќе да живеам со тоа. Не можам да дишам, не можам да се справам со тоа. Премногу е тешко. Поминаа речиси четири месеци, а тие сè уште се таму“, вели Авива Сигел.
Хамас ги отфрли обвинувањата дека неговите вооружени лица извршиле сексуални напади. А израелскиот премиер Нетанјаху вети дека ќе ги врати сите преостанати заложници.
Фиљана Кока
