Со посредство на Каиро и Доха во тек се преговори за прекин на огнот во Газа
Во тек се преговори за евентуален прекин на огнот во Појасот Газа со посредство на Каиро и Доха, на фронтот и натаму жестоки битки. Ескалацијата на нападите има ефект врз процесот на посредување – тврдат од катарското МНР...

Во тек се преговори за евентуален прекин на огнот во Газа со посредство на Каиро и Доха, но можностите слабеат со оглед на ескалацијата на нападите, тврдат од катарското МНР. Тел Авив не ги коментира информациите за договор во фази со кој му предлага на Хамас да го напушти Појасот Газа, два месеца пауза во борбите и ослободување на сите израелски заложници и палестински затвореници …
„Двете страни разговараат. Се надеваме дека тоа ќе доведе до нешто. Очигледно, ситуацијата на терен е флуидна. Ескалацијата што се случува секогаш има ефект врз самиот процес на посредување“, изјави Мајед ал-Ансари, портпарол на МНР на Катар.
Главен услов за Хамас за разговори за размена на заробеници со Израел и натаму останува целосниот прекин на огнот.
„Ние сме решени да ставиме крај на агресијата за да го спасиме нашиот народ, но тоа не може да се случи ако Нетанјаху и неговата влада продолжат на овој начин“, изјави Осама Хамдан, член на политичкото биро на Хамас.
На фронтот и натаму жестоки битки. Дваесет и еден израелски војник загина во заседа, најмногу за еден ден од почетокот на копнената офанзива. Премиерот Нетанјаху вели дека борбата продолжува до победа, и внимателно ги следат провокациите од либански Хезболах.
„Ние сме во средина на војна, која е повеќе од оправдана. Во оваа војна правиме големи достигнувања, а има и многу тешки загуби. Се поклонуваме пред споменот на нашите паднати борци, а сепак, ни за момент не престануваме да се стремиме кон постигнување целосна победа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во меѓувреме, се проширува коалицијата за поддршка на безбедноста во Црвено Море. Светските лидери го стегаат обрачот околу милитантните групи. САД и Велика Британија извршија нови воздушни напади врз цели на Хутите во Јемен, групата се закани со одмазда.
Маријана Димовска
