Блискиот Исток

Гутереш побара итно ослободување на израелските заложници

24.01.2024 09:49

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Гутереш побара итно ослободување на израелските заложници, но посочи оти ништо не може да го оправда убивањето цивили. За него, е неприфатливо израелската влада да го отфрла решението за две држави.

Израел и Хамас го намалија јазот во преговорите, но за договор ќе биде потребно повеќе време. Остануваат разликите околу решението за траен крај на војната во Газа. Меѓународната заедница го зголемува притисокот за решение со две држави. Континуираното отфрлање од страна на Израел го загрозува глобалниот мир – посочи генералниот секретар на ООН.

„Трајниот мир може да дојде само преку решение со две држави. Отфрлањето од израелската влада е неприфатливо. Тоа би го продолжило конфликтот кој стана главна закана за глобалниот мир и безбедност. Државата мора да биде призната од сите“, изјави Антонио Гутереш - генерален секретар на Обединетите Нации.

Ескалацијата во регионот станува се поизвесна, затоа е неопходна итна хуманитарна пауза, што ќе доведе до одржлив прекин на огнот во Газа-посочуваат дипломатите.

„Овој конфликт не смее да трае ниту минута подолго. Сега е неопходна итна пауза за влез на виталната помош и извлекување на заложниците“, изјави Лорд Тарик Махмуд Ахмад од Вимблдон - министер на Обединето Кралство за Блискиот Исток.

Порака за прекин на огнот носи и британскиот министер за надворешни работи, Камерон кој повторно е во посета на Блискиот Исток додека борбите се разгоруваат. Израелската одбрана го зголемува притисокот врз Хамас уништувајќи ги ќелиите.

„Мораме да дејствуваме на теренот насекаде во Појасот Газа, и од воздух, и на копно и да ги продолжиме инженерски операции бидејќи нема друг начин да се уништат тунелите освен да бидеме на земја“, изјави Даниел Хагари - портпарол на израелската одбрана.

Продолжува и размената на оган со Хезболах во јужен Либан. Истовремено се зголемуваат и напади на хутите во Црвено Mоре, но и одговорот на САД во Јемен, Ирак и Сирија.

 

Бојана Крстевски