Туризам

Охриѓани очекуваат подобра сезона од ланската

09.06.2014 16:14

Охрид очекува одлична туристичка сезона, многу подобра од ланската. На повисока заработка се надеваат и угостителите и хотелиерите...

Странците се враќаат во Охрид, во далеку поголем број. Со чартер – летови се пристигнати гости од Белгија, Холандија и Австрија, но има и од Полска, Турција, како и од околните држави. Од земјите на Бенелукс, годинава се очекуваат над 25 илјади туристи.

„Сега бевме на ручек на охридската ривиера, многу сум задоволен од услугата. Градот е преубав, ќе му го препорачам на секој што го знам во Холандија. Цените се навистина ниски, особено ако се направи споредба со Западна Европа“, изјави турист од Холандија.

Екипата наМТВ наиде на гости од Кипар, меѓу кои имаше и свештено лице. Внимателно ги слушаа советите од водичот. Ни објаснија дека се група од околу 50 луѓе, дојдени во обиколка на древните цркви и манастири. 

„Фантастично, ова е навистина фантастично место. Езерото, планините, времето, навистина сè е многу убаво“, изјави турист од Кипар.

„Многу сум задоволен од луѓето, храната, цените, услугата. Навистина на полето на туризмот бележите голем успех“, изјави турист од Кипар.

Освен во недопрените природни убавини, автентичната архитектура, црквите и манастирите, странците сакаат да уживаат  во домашната кујна и во македонското вино.

„Бараат тавче гравче, полнети пиперки, сарми, ја сакаат домашна храна. На Турците им подготвуваме телешко и риба, и други домашни специјалитети. Имаме квалитетни вина“, вели Љупчо Патче, угостител.

Охрид и Струга се подготвени.  Располагаат со околу 30 илјади висококвалитетни легла, но нелојалната конкуренција се уште претставува проблем.

„Имаме 6.000 викенд станови во Охрид, од кои половината на црно нудат приватно сместување“, нагласува Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Лани Охрид имаше лоша туристичка сезона, која во голем дел беше нарушена од неповолните временски услови.За годинава, очекувањата се дека сезоната ќе биде многу поуспешна од ланската, со зголемен број на странски гости, враќање на домашните туристи и збогатена туристичка понуда. 

 

Мартин Пушевски