САД

Бајден и Трамп убедливи во Њу Хемпшир

24.01.2024 12:27

Трамп маршира кон републиканска номинација за претседател на Соединетите Американски Држави. И тој и Бајден победија на прелиминарните избори во Њу Хемпшир...

По победата во Ајова, триумф и во Њу Хемпшир. Поранешниот американски претседател Трамп се поблизу до освојувањето на републиканската номинација за претседателските избори. Добивајќи речиси 55 проценти од гласовите, зад себе ја остави поранешната амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли, која има поддршка од над 46 насто.

„Победивме речиси во секоја анкета во последните три месеци против расипаниот Џо Бајден, речиси во секоја анкета. Но, таа не ги гледа тие анкети“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.

„Сакам да му честитам на Трамп за неговата победа. Па, имам новости за сите нив. Њу Хемпшир е прв во изборот, не е последен. Оваа трка е далеку од завршена. Остануваат уште десетици држави. Навистина ми се допаѓа. Следната е мојата сакана држава Јужна Каролина“, изјави Ники Хејли, поранешна амбасадорка на САД во ООН.

По победата на Трамп во Њу Хемшир, растат повиците од републиканците, Хејли, да се откаже од прелиминарната трка, но таа и покрај поразот вели оти ја продолжува кампањата и во Јужна Каролина, државата во која таа беше гувернер.

„Мислев дека ова е огромна победа. Ники Хејли треба да се погледне во огледало и треба да сфати дека е на погрешната страна од историјата“, изјави Кари Лејк, републикански кандидат за сенатот на САД.

И во Демократската партија, каде што е сè поизвесно дека актуелниот претседател Џо Бајден ќе биде кандидат од нивните редови, јасно веруваат оти прелиминарните избори кај републиканците се речиси завршени. Енергијата и вниманието целосно го насочуваат кон општите избори закажани за ноември.

„Сега е јасно дека Доналд Трамп ќе биде републиканскиот кандидат. А, мојата порака до земјата е дека влогот не може да биде поголем. Нашата демократија. Личните слободи – од правото на избор до правото на глас. Нашата економија, која го доживеа најсилното закрепнување од Ковид-19 во светот. Сето тоа е на коцка“, изјави Џо Бајден, американски претседател.

И додека, американските граѓани со нетрпение ги чекаат претстојните претседателски избори, по неколкуте години неизвесност поради пандемијата, енергетската и економската криза, се чини и дека светската јавност со особено вниманието е насочена кон овие избори. Во Европа, се погласно се зборува, оти стариот континент ќе мора да се подготви за можното повторно враќање на Трамп.

 

Маја Стојанова