Оперски арии за отворање на Охридско лето
Оперската дива со ангелски глас, Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи, на 12-ти јули во Античкиот театар ќе ја отворат најголемата музичко сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“. Во текот на 40-те фестивалски дена охриѓани и гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на врвни музички и драмски уметници од светот, од кои дел за прв пат доаѓаат во Македонија и регионот...

Со вечер на популарни оперски арии во изведба на големите оперски мега звезди сопранот, Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи од Италија, ќе биде отворено 54 издание на Фетивалот „Охридско лето“. Тие ќе настапат под диригентската палка на маестро Луис Горелик, во придружба на Македонската филхармонија, која со овој концерт ќе го одбележи 70 годишниот јубилеј. Музичката програма на фестивалот како и секогаш ќе биде квалитетна, возбудлива и единствена.
„Ексклузивноста е уште поголема поради тоа што поголем дел или најголем дел од уметниците што гостуваат оваа година за прв пат се не само гости на Фестивалот Охридско лето и во Македонија, туку за прв пат доаѓаат и во регионот“, вели Гордана Јосифова Неделкоска- музички селектор.
„Солзи и смеа“ е мотото на годинашната драмска програма на фестивалот.
„Токму заради тоа мојот избор оваа година се комедии, претстави со ведар дух, топли претстави кои што се разбира ќе бидат под закрилата на класиката и под закрилата на високата уметност“, нагласи драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски.
Како што рекоа селекторите учеството на врвни светски имиња од светот на музиката и театарот ќе придонесат да биде реализирано уште едно незаборавно фестивалско издание,кое долго ќе се памети.
Сашо Нелоски
