Голем пожар избувна утринава во Нов Белград, изгоре големиот кинески трговски центар
По четири часа, пожарникарите успеаја да го локализираат пожарот што го зафати кинескиот трговски центар во Нов Белград. На терен и натаму се повеќе од 70 пожарникари и три хеликоптери. Нема повредени...

Силна експлозија и силен пожар ги разбуди утринава белграѓани кога на Нов Белград изгоре познатиот, голем кинески трговски центар во населбата Нов Белград.
Пожарот кој избувна во Блок 70 го гаснеа 76 пожарникари со 25 пожарникарски возила, како и припадници на хеликоптерската единица со три хеликоптери. Тие во 32 налети исфрлија вкупно 71 тон вода, по што пожарот беше локализиран.
„Пожарот што избувна во кинескиот трговски центар во 6 часот и 50 минути беше особено ризичен поради големиот број луѓе, вработени и посетители, како и поради големото количество лесно запалив материјал. Три хеликоптери извршија 32 лета над пожарот, и тој не можеше да се прошири на зградите, но можеше да се прошири на остатокот од трговскиот центар. Вкупно во пожарот беа зафатени околу 2.000 метри квадратни, а изгореа над 40 локали од вкупно 181“, изјави Драган Мирковиќ, командир на пожарникарската бригада Белград.
Во пожарот нема жртви ниту повредени, а очајните кинески државјани, сопственици на дуќаните го спасуваа она што можеше да се спаси, под закана на експлозии на бројни плински боци.
„Ова беше голем пожар, спасувам она што може да се спаси од робата. Не знам што да кажам, имам голема штета, очаен сум, поради тоа што ова е трет ваков пожар овде“, рече сопственик на дуќан.
Пожарот е локализиран по четиричасовна борба со огнената стихија, а причина за него е детонација од плинска боца од ресторан за брза храна. Кинескиот амбасадор во Белград изјави дека ова е тажен момент, а реагираше и претседателот Александар Вучиќ, кој изјави дека истрагата ќе утврди дали пожарот е намерно предизвикан или е случаен.
Според надлежните во пожарот нема повредени ниту загинати, но речиси половина од кинеските дуќани се изгорени или уништени. Истрагата ќе ги утврди причините за пожарот.
Оливер Бранковиќ
