Политика

Утре оставки, в недела техничка влада

24.01.2024 14:44

Премиерот Ковачевски и собранискиот спикер Џафери утре поднесуваат оставки. По изборот на нов претседател на законодавниот дом, викендов седница за техничката влада. ВМРО-ДПМНЕ попладнево одучува за нивните кадри…

На 26-ти избор на нов собраниски спикер, на 28-ми избор на техничката влада, предводена од Талат Џафери. Тој најави дека ќе достави целосен состав на Владата ако ВМРО-ДПМНЕ му достават предлози за министри и дополнителни заменици министри.

Мандатот ќе го добие од претседателот Пендаровски. Џафери и Ковачевски оставките ќе ги депонираат во четврток. В петок ќе се гласа актуелниот координатор на СДСМ, Јован Митрески да биде нов претседател на Собранието.

„Нема потреба да се оптоварувам со тоа дали ќе има или ќе нема промени. Во контекст на функционирање на техничката влада, нема никаков проблем дали ќе бидат исти луѓе или ќе бидат различни луѓе. Ако има предлози ќе бидат вметнати, таков е законот“, изјави Талат Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потсетија премиерот Ковачевски дека токму пратениците на СДСМ не гласаа за првата техничка влада на Емил Димитриев во 2016-та.

„Обврска е на владејачкото мнозинство да избере влада за спроведување на изборите, т.е. техничка влада, во која министрите во МВР и МТСП, како и дополнителните заменик министерски места во МИОА, финансии и земјоделие ќе бидат по предлог на опозицијата. На власта не е да бира, законот е дециден“, нагласи Ели Панова, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Мандатарот Талат Џафери во сабота ќе ја достави програмата за работа на „Пржинската влада“, која треба да ги организира изборите напролет.

Миле Ристески