Енергетика

Јануарските сметки без надоместок

24.01.2024 15:11

Откако граѓаните добија декемвриски сметки со вклучен надоместок од 200 денари за пристап до мрежа, за мерка што важи од Нова година, регулаторна пресече – со јануарските фактури ќе се испегла разликата…

Во декемвриските сметки за струја по грешка е ставен новиот надоместок за пренос од 200 денари. Сметките биле предвреме изготвени, ама со јануарските фактури ќе се случи порамнување.

„Имавме средба со претставници на Електродистрибуција и бидејќи сметките веќе се испечатени и пратени, договоривме овој надоместок да го нема во јануарските. Потоа од февруарските сметки ќе има 200 денари надоместок за пристап до мрежа“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Во однос на постапката за избор на универзален снабдувач која е во тек, Бислимоски не сакаше да открива детали, но рече дека до 1 јули ќе се знае новиот универзален снабдувач. Од Владата велат дека цената на струјата нема да се зголемува, оти државата ќе продолжи да дава субвенции.

„Цената на струјата е субвенционирана со 84 отсто, а не со 91“, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи кој порача дека ЕВН треба да ја смени табелата.

Со оглед дека цената на струјата на светските берзи паѓа, од РКЕ не ја исклучуваат можноста од натамошно намалување.

Бислимовски рече дека државата ќе ја субвенционира струјата, и граѓаните да спијат мирно.

На сегашниот снабдувач „ЕВН Хоум“ петгодишниот договор му истекува на 30-ти јуни.

Борис Грујоски