Додека гради, Маркард бара менаџери за фабриката во Велес
Додека се подготвува теренот за градба на фабриката во индустриската зона Караслари, германски Маркард го започнa и процесот на вработување. Во тек е огласот за првите пет челни позиции во фабриката од каде што за една година треба да излезат првите автомобилски делови за БМВ, Рено и Тојота...

Шлеперите носат, багерите рамнат, се подготвува теренот за градба на фабриката на Маркард во велешката индустриска зона Караслари. Паралелно со тоа компанијата распиша оглас за челните позиции.
„Добар чекор за намалување на невработеноста... Младите ќе можат во иднина да се надеваат на подобро утре“, велат анкетираните велешани.
35 милиони евра ќе инвестира Маркард во фабриката во која се очекува да се вработат 600 лица. Ова за Велес е импулс кон враќање на индустрискиот сјај, ако се има предвид фактот дека домашни и странски инверститори ги меркаат слободни парцели во оваа индустриска зона.
„Очекуваме сите шест парцели до крајот на годината да ги продадеме бидејќи има интерес од компаниите“, рече Деан Стојанов од општина Велес.
Дојдоа и петте минути за локалните фирми. Тие сега треба да се наметнат како добавувачи, велат експертите.
„Да ги потикнат домашните компании да влезат во стратегиски партнерства со овие компании со тоа ќе се зголеми можноста за зголемување на конкурентноста и за потикнување на нивно дополнително производство“, изјави д-р Игор Андреев, експертот за локален развој.
Оваа инвестиција е само една од многуте која принесува за раст на националната економија.
Маркард ја раздвижува и локалната економија, пример за тоа е велешката компанија која го произведува тампонот со кој во моментов се тампонира парцелата на која треба да започне изградбата на фабриката.
Германската компанијата Маркард е формирана 1925 година. Денес има 12 канцеларии во десетина земји. Минатата годината ја заврши со промет од 650 милиони евра.
Дијана Иванова
