Руско-украински конфликт

По падот на авионот, Зеленски ја обвинува Русија и бара меѓународна истрага

25.01.2024 12:10

Многу неодговорени прашања по падот на рускиот авион во кои загинаа украински затвореници. Киев и Москва со меѓусебни обвинувања. Зеленски бара меѓународна истрага. Од Белата куќа велат оти не може да се потврдат што точно се случило бидејќи и двете страни имаат свои извештаии. Русија побара седница на Советот за безбедност на Обединетите нации...

Киев побара меѓународна истрага која би ги разјаснила околностите за смртоносната авионска несреќа во западна Русија во која загинаа 65 украински воени заробеници, шестмина членови на екипажот и тројца чувари. Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека не добила информации за обезбедување на критичниот простор, според протоколот за размена на заробениците.

„Службата за безбедност на Украина ги истражува сите околности. Дадов инструкции министерот за надворешни работи да им ги достави на нашите партнери информациите со кои располага Украина. Нашата држава ќе инсистира на меѓународна истрага“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Генералштабот на Украина првично соопшти дека авионот превезувал ракети за руските системи за воздушна одбрана С-300. Русија обвини дека украинските сили го собориле авионот „Иљушин-76“ во Белгород со три проектили на оружје доставено во Украина од Западот. Рускиот министер за надворешни работи, побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Штом се дозна дека ова е лет со кој се превезуваат воени заробеници за размена, украинската пропаганда веднаш почна да ги брише извештаите и се обидува да дојде до некои други причини. Поради тоа, инсистираме на свикување состанок на Советот за безбедност на кој украинската страна би можела да каже како се случило сето тоа“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Од Белата куќа велат дека не можат да ги потврдат информациите за причината на хаваријата на рускиот транспортен авион.

„Немаме доволно информации за да коментираме за оваа авионска несреќа каде што ги видовме извештаите за неа, се обидуваме да добиеме повеќе информации. Знаете, Украинците тврдат едно, Русите тврдат друго, а ние едноставно не знаеме доволно за да го коментираме тоа“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

На фронтот продолжуваат битките. Соборени над 14 беспилотни летала воглавно на југот од Украина. Вчера во Харков во ракетен напад загинаа дваесетмина.

 

 

Маријана Димовска