Отворен Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија
Годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега установата немаше просторен капацитет да ги прифати.

Пуштен во употреба новоотворениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија. Сместен е на целосно нов кат на површина од 800 м2, донација на Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и Владата.
„Со оваа значајна инвестиција се означува почетокот на работа на ова ново одделение, со што за пациентите обезбедуваме услови за лекување какви што нудат најсовремените центри од ваков вид во светот. Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, овозможува клиниката да служи не само на јавното здравство, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување хематолошки болести во поширокиот регион“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.
Годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега установата немаше просторен капацитет да ги прифати.
Заменикот – амбасадор на САД во земјава, Ерик Мејер порача дека во последните неколку години здравствениот сектор преку Канцеларијата за одбранбена соработка бил поддржан со шест милиони долари и дека оваа поддршка е одраз на посветеноста на САД на граѓаните на Северна Македонија. Горди сме што сме ваши партнери и сојузници, зашто ние сме посилни и подобри заедно, рече заменик-амбасадорот на САД, Мајер.
