Економската програма е остварлива, пресметуваме пред да ветиме!

09.06.2014 18:37

 
 

 

Составот на новата Влада е познат, во фокусот останува економијата.

Гостин во првиот Дневник на МРТ беше вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. Со него разговараше Билјана Василева- Трендафилова...

 

Најавивте 64.000 нови работни места. Како планирате да ја реализирате оваа амбициозна програма?

Фокусот на новата програма ќе биде економијата и отварањето на нови работни места. Нема друг начин, освен со висок економски раст, со нови инвестиции, и домашни и странски. Токму затоа и кадровски се зајакнува Владата во тој дел, преку поголем број министри коишто ќе бидат директно одговорни за носење на странски инвестиции и со продолжување на добрите политики што ги имавме и досега, кадешто ќе се задржи ниското даночно оптоварување, со атрактивна даночна клима, со бизнис амбиент кој ќе биде поволен, и со тоа што Република Македонија и понатаму ќе им нуди на инвеститорите компаративни предности во однос на конкурентите што се во регионот и пошироко. Ако претходно отворивме 119.000 работни места со помош на приватниот сектор, нема причина да неверуваме дека и сега е возможно да се отворат 64.000 работни места, со тоа што дополнително на високиот економски раст и новите фабрики во слободните економски зони, очекуваме и преку поддршката што ја даваме и за домашните работодавачи, преку директни ослободувања и плаќање придонеси и други мерки, да има отворање на нови работни места.

За 4 години планирате салдото на странски инвестиции да расте. Планирани се и стапки на економски раст во просек од 4 до 6 проценти. Како ќе расте македонската економија со ова темпо?

Доколку нема нова криза во Европа, македонската економија е добро подготвена да оствари повисоки стапки на економски раст. Нашите очекувања се дека во првите 2 до 3 години, стапката на раст ќе се движи околу 4 до 4,5 проценти во просек, а при крајот на мандатот ќе може да оствариме стапка на раст помеѓу 5 и 6 проценти.  Како што објаснив мора добро да се постават економските политики, да се создадат услови за инвестиции, да се поддржи тоа со висок износ на капитални инвестиции. Ние тоа ќе го направиме преку буџетот, преку реализација на крупните проекти како што е пругата кон Бугарија, новите автопати што се предвидени, гасификацијата и сите други мерки. Сето тоа ќе помогне да се остварат повисоки стапки на економски раст и верувам дека тој е остварлив, се разбира без екстерни шокови.

Ги споменавте капиталните проекти. Што да очекуваат домашните стопанственици од новата Влада?

Домашните стопанственици ќе ја имаат поддршката како и досега. Ако сакаат да отворат ново работно место за лица што се помлади ќе добијат ослободување од придонесите, ако го задржат уште 12 месеци. Ако сакаат кредит, ќе добијат нови 100 милиони евра по каматна стапка од 5,5 проценти што е субвенционирана од буџетот. Ако сакаат да инвестираат има и други продукти во Македонската банка за поддршка на развојот, кои ќе им помогнат да инвестираат во машини, опрема и слични, и да извезуваат. Најнизок данок во Европа ќе плаќаат и понатака. Добивката ќе биде ослободена од оданочување. Сите тие работи им помагаат на домашните бизнисмени и се разбира преку можноста да користат средства од Фондот за иновации, што е новитет. Преку нивелирање на казните, односно помали казни за помалите фирми... сето тоа е еден богат спектар на мерки кој понатака ќе се надоградува согласно дијалогот со бизнис заедницата.

Шест години сте директно задолжен за финансиите и во програмата е најавено зголемување на платите пензиите и на субвенциите. Дали буџетот ќе го издржи овој товар?

Јавноста знае дека ние програмата ја правиме на еден начин што е многу аналитички со точни пресметки што можеме да направиме. Мериме, проценуваме, пресметуваме пред да ветиме. Тоа што е ставено во програмата, вклучително и зголемувањето на пензиите, зголемување на субвенциите за земјоделците, зголемување на социјалната помош, покачување на платите во јавниот сектор е претходно добро искалкулирано дали може да се направи или не. Ние остануваме на тоа дека можеме, дека буџетот така како што е проектиран ќе може да ги издржи сите овие зголемувања, ќе може да обезбеди и понатака и поддршка на фирмите, но и макроекономска и должничка стабилност на Македонија, што е исто така битно.

Кои се првите мерки кои ќе ги објавите веднаш по 19-ти јуни?

Согласно динамиката која е најавена во програмата ќе течат сите мерки коишто се предвидени. Значи на почетокот се оние кои ги најавивме, а тоа ќе биде отписот на долгови, даночните ослободувања и она што е предвидено во програмата да се реализира во текот на оваа година. Меѓутоа, ќе работиме и работиме веќе на сите други мерки - се што е зацртано во програмата мора целосно да се исполни.

Се проблематизира проектот Јужен тек. Каков е ставот на македонската Влада?

Јужен тек е еден сложен проект кој е подложен на геополитички игри и тука ние не можеме да влијаеме. Останува да чекаме да се расчистат овие работи помеѓу Европа и Русија пред се, а и на сите инвловирани држави. Во меѓувреме ние сме подготвени, што се најде разврска, ако се најде разврска на тој проблем во геостратешки размери, тогаш Македонија ќе биде подготвена да ја започне реализацијата и да го изградиме кракот што ќе не поврзе со Јужен тек. Межутоа, за мала земја е битно да се биде подготвен на сите други алтернативни сценарија. Ние мора да сме адаптивни. Подготвеноста на малите земји е во тоа да си спремен да најдеш и други решенија секаде каде што има шанса, така што ќе ја гледаме можноста и во другите транспортни коридори на гас во регионот, да се приклучиме, за ако не може да се реализира Јужен тек во предвидената динамика да имаме и друго алтернативно решение. Но, остануваме и натаму посветени, ако се ослободи можноста за реализација на Јужен тек, ние ќе го направиме она што зависи од нас.