Вкупно 39 години казна затвор за шестмината обвинети за случајот „Ласкарци“
Семејствата на загинатите не се задоволни од казните. Ќе се консултираат со адвокатите дали ќе ја обжалат пресудата. На сите обвинети им беа изречени и споредни казни, забрана за вршење професија, дејност или должност во времетраење од по 5 години....

Судот на шестемина обвинети за случајот „Ласкарци“ им одреди вкупно 39 години казна затвор. Највисока 14 години за шоферот на автобусот Маноил Трифуновски, најниска 4 години заработи сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули. 6 години затвор му е одреден на одговорниот за транспорт во фирмата Рамзи Мифтари. Осудени се за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. По пет години казна затвор добија тројцата вработени во станица за технички преглед, како соучесници во истото кривично дело. Образложувајќи ја пресудата судијката рече дека обвинетите биле свесни за сите неисправности на автобусот, но не пријавиле. Зборувајќи детално за трагедијата посочи дека возачот возел со брзина над дозволената, без исправен систем за сопирање.
Семејствата на загинатите не се задоволни од казните. Ќе се консултираат со адвокатите дали ќе ја обжалат пресудата.
Судот испрати важна порака со ваквата пресудата, смета обвинителот Јакимовски. Рече дека ќе се преиспитаат казните, особено за првообвинетиот.
На сите обвинети им беа изречени и споредни казни, забрана за вршење професија, дејност или должност во времетраење од по 5 години.
Автобуската несреќа се случи пред 5 години, на 13 февруари 2019 година, во неа загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.
На кобниот ден, попладне, автобус на компанијата „Дурмо Турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар.
Наташа Гркова - Петрушевска
