Здравствените работници ангажирани со договор на дело и натаму без решен статус
Ниту решение, а можеби ниту пари. Две ипол илјади ангажирани во здравството чекаат на милост на надлежните. Листот хартија со потпис и печат за нив ќе значи решавање на личниот но и проблемот на здравството. Сега, кога работат без него, не можат ниту да одговараат за евентуални грешки...

Освен што не се знае дали ќе бидат вработени, не се знае ни дали месецов. Медицински сестри, лаборанти, техничари, хигиеничари, сите на кои им заврши договорот на дело на 31-ви декември, од први месецов ги извршуваат работните задачи без потпишан документ со здравствената установа. Министерот за здравство оптимист, вели, со невидена брзина ќе добијат согласност од ресор Финансии, а потоа и од Информатичко општество.
Голем број од оние коишто ги чекаат огласите за вработување изгубија надеж, правниците велат, може да се искористи времето до изборите.
И додека ја чекаат можноста за вработување, тие се грижат за здравјето на пациентите, но доколку добијат вирус или инфекција, сами треба да си платат лекување.
Иако околу 2.500 ангажирани со договор на дело се надеваат на вработување, само дел од нив ќе го постигнат тоа, бидејќи на огласите ќе можат се пријават сите заинтересирани. А, пари се обезбедени за 1.117.
Наташа Јанчиќ - Менковски
