Во полициска акција уапсени членови на криминална нарко-група
Уапсени се 7 од 16 членови на криминална нарко-група, по големата полициска акција во скопски Грчец. Транспортирала кокаин од јужна Америка во Европа и во Македонија. Вршела и убиства...

Енкриптирани телефони послужиле за комуникација на меѓународна криминална група, која преку тајни апликации примала и договарала нарачки за убиства од одмазда и користољубие. МВР поднесе кривична пријава против 16-мина, меѓу кои и организаторот, 46 годишниот Шеваљ Муареми. При претресите во Грчец, Дуќанџик и Чаир се уапсени 6-мина и уште еден во Шпанија. Останатите ќе се бараат со потерница, во соработка со Европол.
Купувале и кокаин од Бразил, Боливија, Перу и Колумбија, кој по воден пат завршувал на европскиот пазар. 540 килограми латиноамериканска дрога е запленета на пристаништата во Антверпен и Ротердам. Со парите изградиле луксузни вили, викендички, ресторани, а располагале и со модерен возен парк. Спасовски вели оти истрагата се проширува и на вработени од државните институции за кои постои сомнение дека биле вмешани.
Криминалот го правеле од декември 2019 до март 2021 година. Двајца од организаторите починале во меѓувреме.
Анита Димитријевска – Велковска
