Руско-украински конфликт

По падот на авионот Украина и Русија се обвинуваат во ОН

26.01.2024 09:37

Според рускиот истражен воен комитет, рускиот авион „Иљушин“ со 65 украински затвореници бил нападнат со противвоздушна ракета од украинска територија. Отворена кривична постапка за тероризам. Зеленски повика на меѓународна истрага...

Околностите за смртоносната авионска несреќа во западна Русија во која загинаа 65 украински воени заробеници, шестмина членови на екипажот и тројца чувари и натаму неразјаснети. Од седницата на Советот за безбедност на ООН, свикана на барање на Москва, испратена порака, страните да бидат воздржани.

„Јасно е дека инцидентот се случи во контекст на руската инвазија на Украина и тековната војна. За да се избегне понатамошна ескалација, ги повикуваме сите засегнати да се воздржат од дејствија, реторика или наводи кои можат дополнително да го поттикнат и така опасниот конфликт“, изјави Розмари ди Карло, секретар на Обединетите нации.

Највисоката руска истражна агенција објави снимка од местото на падот на воениот транспортен авион за кој Москва тврди дека превезувал украински воени заробеници, а бил соборен од силите на Киев со три проектили на оружје доставено во Украина од Западот.

„Сите податоци што ги имаме укажуваат дека се работи за злосторство со умисла. Украинското раководство добро знаело за рутата и начинот на транспортирање војници до местото на однапред договорена размена. Меѓутоа, овој пат режимот во Киев реши да ја прекине од некои причини необјасниви за секој разумен човек и на најварварски начин“, изјави Дмитриј Полјански, заменик-постојан претставник на Русија во Обединетите нации.

Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека не добила информации за обезбедување на критичниот простор, според протоколот за размена на заробениците.

„Дозволете ми да ве потсетам дека според законите за војување, воените транспортни авиони на вооружените сили на Руската Федерација се легитимна воена цел. Руската страна требаше да обезбеди ниво на безбедност на заробените војници. Украинската страна не беше информирана за потребата од обезбедување на воздушниот простор во областа на Белгород, како што беше сторено повеќе пати во минатото“, изјави Кристина Хајовишин, заменик-постојан претставник на Украина во Обединетите нации.

И од Стејт департментот велат дека е тешко да се потврди што точно се случило пред и по падот на транспортерот.

„Продолжуваме тесно да соработуваме со нашите колеги во украинската влада за да ги согледаме фактите. Тешко е да се потврди што точно се случило“, изјави Ведант Пател, портпарол на Стејт департментот.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија ги информираше членовите на Советот за безбедност за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје и другите нуклеарни локации во Украина. Тим на МААЕ ќе биде испратен да ја следи централата во наредните денови. Нуклеарната централа Запорожје го загуби непосредното резервно напојување со реакторските единици неколку часа оваа недела.

 

 

Маријана Димовска