Најмалку 20 Палестинци загинаа, а 150 се повредени во израелски напад додека чекале ред за храна
Десетици загинати и ранети во Газа додека чекале во ред за храна. Додека Израел и Хамас водат жестоки борби расте притисокот за заштита на цивилите. Меѓународниот суд во Хаг со итни мерки за случувањата во Појасот …

Меѓународниот суд на правдата во Хаг носи одлука во процесот за геноцид против Израел, покренат од Јужноафриканската република. Не станува збор за главното обвинение, туку за итно барање мерки за заштита на палестинското население и за прекин на воената операција во Појасот Газа поради кршење на Конвенцијата за заштита и казнување за геноцид. Тужбата беше поднесена на 29-ти декември лани.
„Да се биде обвинет за геноцид е многу проблематично, огромен предизвик за сопствениот самоидентитет на Израел како држава што е создадена за да спречи иден геноцид врз еврејскиот народ. Тие го сфаќаат овој случај многу сериозно“, изјави Мери О’Конел, професор по меѓународно право.
„Оваа фаза од постапката е многу прелиминарна. Во блиска иднина нема да има дефинитивно утврдување од страна на Меѓународниот суд на правдата за тоа дали Израел навистина извршил геноцид. Јужна Африка бара од судот да му нареди на Израел да ги прекине своите воени операции со образложение дека е веродостојно дека Израел врши геноцид“, изјави Химена Кеитер, професор по право.
Од Хамас велат дека се подготвени да ја почитуваат одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за прекин на огнот во Појасот Газа. Од групата потврдија дека ќе ги ослободат сите израелски заложници во Газа доколку Израел ги ослободи сите палестински затвореници.
„Ако судот во Хаг одлучи да повика на прекин на огнот, тогаш Хамас ќе го почитува примирјето, ако непријателот го стори истото. Фракцијата ќе ги ослободи затворениците што ги држи доколку окупаторот ги ослободи сите палестински затвореници“, изјави Осама Хамдан, претставник на Хамас.
Претходно израелската армија објави дека спроведува голема офанзива во Кан Јунис. Најмалку 20 Палестинци се убиени, а уште 150 се ранети во израелски напад врз градот Газа додека чекале ред за храна. Генералниот директор на СЗО повика на прекин на огнот и изнаоѓање вистинско решение за израелско-палестинскиот конфликт. Во Тел Авив повторно протести на семејствата на заложниците.
„Тие се таму повеќе од сто дена, многу од нив се веќе починати, не знаеме колкава е точната бројка. И ова не може повеќе да продолжи, нема победа, нема целосна победа, нема начин, друг начин да се справиме со ова освен да постигнеме договор и да го сториме тоа веднаш, бидејќи времето истекува“, изјави Ирис Милнер, демонстрант.
Израелската војска изврши серија напади врз цели на Хезболах во јужен Либан, вклучително и аеродром што го користи либанската група. Тензично и во Црвено Море. Лидерот на јеменските Хути изјави дека нападите на американските и британските сили нема да ги одвратат нападите врз комерцијални бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив.
Маријана Димовска
