Ментално здравје

60% од младите чувствуваат депресија, 50% се анксиозни

28.01.2024 13:21

Голем дел од младите се депресивни и под стрес. Националната стратегија за ментално здравје покажа дека е потребно брзо да се реагира. Ќе се формира Советувалиште за млади, но ќе мора да се работи и со наставниот кадар и психолозите...

60 проценти од младите чувствуваат депресија, 50 проценти се анксиозни и се соочуваат со стрес. Ова го покажува Националната стратегија за ментално здравје кај младите. На младите им е потребна помош од психолози, но институциите не се многу достапни – вели студентката Викторија Софеска од Филозофскиот факултет.

„Мислам дека на младите им недостасуваат повеќе центри каде ќе можат да се обратат за помош, како и повеќе неформални настани кои би можеле институциите да ги организираат“, вели студентката Викторија Софеска.

Националната стратегија опфаќа повеќе цели. Од Националниот младински совет велат дека размислуваат како преку дигиталните алатки да се допре до што е можно повеќе млади.

„Првично треба да се воспостават сервиси за рана интервенција и превенција поврзани со овие ментални нарушувања и состојби, понатаму достапност на услугите, бидејќи знаеме дека достапноста на психолози и психотерапија не е подеднаква низ државата и затоа сакаме што е можно повеќе да се дисперзираат овие услуги“, вели Филип Ивковски – претседател на Националниот младински совет на Македонија.

Мора да се работи со наставниот кадар и психолозите во образовните институции.

„Забележуваме дека не секогаш кадарот е подготвен да го работи тоа и потребна е многу обука и многу работа за да може да се сензитивизираат овие теми, а психологот да не биде казна или закана за учениците, туку напротив да биде институција и можност каде младите ќе се обратат кога им е потребна помош и поддршка“, нагласува Анита Николовска – Здружение на граѓани „Младите можат“-Скопје.

Стратегијата ја подготви Националниот младински совет на предлог на Министерството за труд и социјална политика и е усвоена од Владата. Прв конкретен чекор е изградба на Советувалиште за млади.

Ана Јосифоска-Тодоровска