Македонија

Потпишан Меморандум кој ќе ја зацврсти соработката на одбраната со најстариот универзитет во државата

26.01.2024 13:15

Петровска истакна дека овој Меморандум предвидува можност за стекнување практично искуство за студентите кои ќе можат да ги посетуваат обуките на еден од Регионалните центри за справување со дезинформации и односи со јавност кој наскоро се очекува да ја добие и НАТО акредитацијата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова денеска во Ректоратот на Универзитетот го потпишаа Меморандумот за соработка кој има за цел да ја зацврсти и унапреди веќе воспоставената соработка и да овозможи развој на идниот кадар кој ќе продолжи да ја развива одбраната и безбедноста.

Петровска истакна дека овој Меморандум предвидува можност за стекнување практично искуство за студентите кои ќе можат да ги посетуваат обуките на еден од Регионалните центри за справување со дезинформации и односи со јавност кој наскоро се очекува да ја добие и НАТО акредитацијата, а вратите остануваат отворени и за можност за практична настава на студентите и на организирање на различни облици на доедукација на вработените во Министерството.

Придобивките од овој Меморандум, рече министерката, се бројни и за двете страни и изрази очекување неговата имплементација да започне многу скоро.

Ректорката Ангелова порача дека со потпишувањето на Меморандумот се отвора едно широко поле на соработка кое ќе има влијание врз општеството и студентите.

Меморандумот опфаќа повеќе форми на соработка помеѓу двете институции, вклучувајќи давање на препораки за вработување на најдобрите студенти од УКИМ во областите од интерес на одбраната, стипендирање на студенти од критични специјалности, како и промоција на воената професија на студентите на Универзитетот.