Меѓународниот суд му нареди на Израел да преземе итни мерки за да спречи геноцид во Газа
Меѓународниот суд на правдата во Хаг му нареди на Израел да преземе итни мерки за да спречи геноцид во Газа. Расте притисокот за заштита на цивилите…

Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да преземе итни мерки за да спречи геноцид, цивилни жртви и штети во воената офанзива во Појасот Газа. Тел Авив мора да преземе чекори за подобрување на хуманитарната ситуација во енклавата. Во рок од еден месец мора да пријави до судот што направил. Пред судот пропалестински и произраелски протести.
„Израел мора да се придржува кон своите обврски според Конвенцијата за геноцид во однос на Палестинците во Газа. Мора да преземе итни и ефективни мерки за да овозможи основни услуги и хуманитарна помош за решавање на неповолните услови за живот со кои се соочуваат Палестинците во Појасот Газа“, изјави Џоан Е. Донохју – претседател на Меѓународниот суд на правдата.
Одлуката доаѓа откако Јужноафриканската Република побара од Судот да му нареди на Израел да ги прекине операциите во Газа.
„Им благодарам на судиите на Меѓународниот суд на правдата што ја препознаа итната потреба да се заштитат невините цивили во Палестина. Важно е да се осигура дека хуманитарна помош е доставена и дека палестинското население ќе ја добие потребната поддршка“, рече Наледи Пандор, МНР на Јужноафриканска република.
Пред јавноста беа изнесени сведоштва од меѓународни организации, споредени со изјавите и акциите на израелската влада во тековната војна. Според Нетанјаху, обвинението за геноцид против Израел е безобразно.
„Нашата војна е против терористите на Хамас, а не против палестинските цивили. Ние ќе продолжиме да ја олеснуваме хуманитарната помош и ќе направиме се да ги заштитиме цивилите, иако Хамас ги користи како жив штит“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Претходно израелската армија објави дека спроведува голема офанзива во Кан Јунис. Напади и врз цели на Хезболах во јужен Либан, вклучително и аеродром што го користи либанската група. Тензично и во Црвено Море.
Маријана Димовска
