Скандал: Катастрофални медицински услови за американските ветерани
Бројот на американски ветерани по завршувањето на операциите во Авганистан и во Ирак се зголемува, но условите за медицинската помош на ветераните во САД е катастрофална...

Четириесет воени ветерани умреле чекајќи медицинска помош во ветеранската болница во Феникс, Аризона. Овој скандал ја потресе американската јавност дознавајќи дека ветераните во просек чекаат по 115 денови за да бидат примени на лекар. Администрацијата на Белата куќа нареди истрага во сите ветерански болници, но револтот во јавноста не стивнува ниту по оставката на секретарот за ветерански работи Ерик Шинсеки.
„Сега кога е завршена војната во Ирак и исто така завршува и војната во Авганистан, мораме да работиме понапорно за да ги обезбедиме заслужените бенефиции и можности за ветераните. Тие ја извршија нивната должност и не бараат ништо повеќе од земјата освен да ја извршиме и нашата должност кон нив сега и во идните децении“, изјави амерканскиот претседател Барак Обама.
Според најновите анкети, 38 проценти од ветераните во Соединетите Американски држави сметаат дека условите во ветеранските болници се лоши.
Во САД има околу 177 илјади ветерани коишто бараат донесување на Маршалов план од администрацијата.
Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ
