Костадиновска-Стојчевска: За јазикот, културата и идентитетот нема компромиси
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница, на која беше изгласан новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, порача дека чувајќи го македонскиот јазик, ја зацврстуваме државноста и темелот на нашиот идентитет. Костадиновска-Стојчевска објасни дека со изгласувањето на овој закон, добиваме нов и современ закон за македонскиот идентитет и култура...

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница, на која беше изгласан новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, порача дека чувајќи го македонскиот јазик, ја зацврстуваме државноста и темелот на нашиот идентитет.
Костадиновска-Стојчевска објасни дека со изгласувањето на овој закон, добиваме нов и современ закон за македонскиот идентитет и култура, но и закон кој е пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни.
Новиот Закон содржи многубројни решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
Со овој закон, меѓу другото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта. Со доследната примена на овој закон, ќесе пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.
За вршење инспекциски надзор над примената на Законот ќе се основа Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, а Законот дава правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Од овој закон произлегуваат многу важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици во четврта година од средното образование и на дипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.
