Куманово

Зголемен број на заболени од грип

27.01.2024 10:55

Раст на бројот на заболени од грип регистрира кумановската болница. Над педесетина пациенти се лекуваат на инфективното одделение. Поголем број од нив се повозрасни со коморбидитети. Состојбата со Kовид 19 е стабилна, со само тројца заболени.

Зголемен е бројот на граѓани заболени од грип кои побарале лекарска помош. Од инфективното одделение во кумановската болница потврдуваат дека периодов бележат раст на заболени. Во дневната амбуланта кај нив поминуваат над педесет пациенти. Речиси ист толкав број се и хоспитализирани. Симптомите велат може да бидат различни но вообичаено висока температура, кашлица, болки на целото тело. Како полесни компликации велат се јавуваат воспаленија на синусите, увото. Од потешките пак пневмонии кај постарите лица, па затоа завршуваат хоспитализирани.

„Ако не се работи за компликација на вирусот сакам да напомнам никаков антибиотик не делува и препорачувам пациентите особено на своја рака никако да не земаат антибиотици. Препорачаната терапија е симптоматска, топли течности, антипиретици, против температура, витамини но и тука треба да се умерени да не се доведат во состојба да се предозираат, да не бидат во контакт со поголеми групи, да одмараат дома“, истакна примариус д-р Сунчица Јосифова, началник, инфектолог Општа болница Куманово.

Освен повозрасните, лекарите апелираат особено да внимаваат дечињата и бремените жени. Начинот на заштита е ист, да се избегнуваат контакти со заболени, и средби во поголеми групи, да се носат заштитни маски, проветрување на простории, консумирање течности и витамини и вакцинација, којашто велат е најдобра превенција против грип.

Состојбата со Ковид 19 во Куманово е стабилна. На одделението се хоспитализирани само тројца повозрасни пациенти.

Според комисијата за заразни болести бројот на заболени од грип би требало да се зголеми кон средината на февруари.

Елена Георгиевска