Македонија

Осум години се бара правда за убиството на 26- годишниот Димитар Матилоски од Охрид

27.01.2024 11:59

Осум години мајката на убиеното момче Димитар Матилоски, на новогодишната ноќ во 2016-та година во Охрид бара правда. Убиецот – српскиот турист Бојан Угреновиќ, осуден на 16 години затворска казна е на слобода, недостапен за органите на прогонот. Мајката обвинува за низа пропусти во судскиот процес …

Осум години по убиството на 26-годишниот Димитар Матилоски од Охрид, убиецот-српскиот турист Бојан Угреновиќ од Краљево сè уште е на слобода.

Мајката на момчето кое беше претепано на смрт, после банална расправија во кафуле на новогодишната ноќ 2016-та година, бара правда. Вели, поминаа осум тешки години, исполнети со неизмерна болка и тага, а убиецот, кој е осуден на 16 години затвор е недостапен за органите на прогонот.

Таа, обвинува за низа пропусти во судскиот процес.

„Убиецот Бојан Угреновиќ од Краљево како што прочитав во предметот огласен за виновен за кривично дело убиство, по член 123 став 1. По пронаоѓањето осудениот ќе биде спроведен во затворот Прилеп. Казната застарува 30.10.2059 година“, вели Драгица Матилоска мајка на убиениот Димитар Маилоски.

Поради повторени судења, одлагања на судската расправа, во два наврати преполовување на казната од страна на Битолска апелација, измина законскиот рок за притвор, па така Угреновиќ во јули 2017 година беше пуштен да се брани од слобода, од тогаш му се губи секаква трага. Меѓународна потерница беше распишана три години подоцна.

„Го замолувам Судскиот совет на мојата татковина да ја преиспита работата за убиството на мојот син Димитар Матилоски. Адвокатот на убиецот Дончо Наков успеа да го ослободи убиецот, а сите останати не успеаја убиецот да го стават во затвор“, вели Матилоска.

Убиецот е во бегство, но мајката не се откажува, бара дополнителна истрага и одговорност за сите пропусти направени во Основниот суд Охрид и Апелацискиот суд Битола.

Димитар Матилоски беше претепан на смрт на новогодишната прослава во Охрид во 2016-та година.

Соња Рилковска