Низа рокади во техничката влада
Мандатарот Талат Џафери до Собранието ги достави составот и програмата на идната техника влада. Пленарната седница за нејзино гласање е закажана за утре во 11 часот. Со неа ќе раководи новиот собраниски спикер Јован Митревски. Има низа рокади на фотелји со влезот на опозицијата во кабинетот на „Илинденска“…
Во премиерската фотелја на Ковачевски кој заминува од „Илинденска“ ќе седне досегашниот спикер Џафери и ќе раководи со владата во 100 дена до избори. Позицијата на Џафери, ја зазема Јован Митрески од СДСМ. Според договорот меѓу коалициските партнери на власт, ќе има ротација на Груби и Маричиќ, така што прв заменик премиер ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања, а Артан Груби, кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.
Од министерските позиции за труд и социјална политика заминува Јована Тренческа од СДСМ на позицијата дополнителен заменик во истиот ресор. На нејзиното место предложен е Ѓоко Велковски номиниран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Првата фотелја во внатрешни ја напушта Оливер Спасовски од СДСМ. Ќе ја преземе адвокатот Панче Тошковски. Во ова министерство за дополнителен заменик е предложен досегашниот шеф на кабинет на Спасовски, Митко Бојмацалиев.
На три позиции дополнителни заменици номинира и опозицијата: Елена Петрова во Министерството за финансии, Стефан Андоновски во Министерството за администрација и Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство.
Дополнителни заменици министри номинира и СДСМ и тоа Викторија Аврамовска-Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.
Своите фотелји ги задржуваат: Славица Грковска вицепремиерка за политики за добро владеење, Фатмир Битиќи за економија, министрите за култура, екологија, земјоделство, транспорт и за одбрана остануваат Бисера Костадиновска-Стојчевска, Каја Шукова, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска.
Фиљана Кока
