Партиите во клинч за кадровските решенија
Во пресрет на седницата на која ќе треба да се гласа техничката влада, власта и опозицијата со засилени критики за кадровските решенија на противникот. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува Џафери да го води премиерскиот кабинет во наредните 100 дена. Од СДСМ со став-кадровските решенија на опозицијата се истите од времето на Груевски…

Не може да се очекува нова политика од човекот кој како претседавач со македонското Собрание направи серија противуставни потези, вели лидерот на опозицијата Мицкоски по одлуката Талат Џафери да биде технички премиер во 100-те дена пред изборите. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со остри критики и за најавениот европски фронт на власта – вели: криминалната коалиција која ги осиромаши граѓаните ќе биде поразена на изборите.
„Таму нема ништо европско, освен тоа што заеднички се договараат како да го опљачкаат народот. Тоа е интересот што ги спојува тие политички структури. Сигурен сум дека после овие избори таа опција ќе биде жестоко поразена и дека со четиригодишен мандат во опозиција ќе може да се реформира со нови луѓе, нови политики и нови идеи“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во видеообраќање, претседателот на интегративците Ахмети вели дека недела е историски ден, бидејќи за прв пат Македонија добива премиер – Албанец со што се надминуваат предрасудите.
„Денес имаме потреба да се обединиме, да подадеме рака еден на друг, да ги оставиме настрана нештата што нè разделуваат и да се обединиме околу нештата што нè зближуваат. И пред четири години, но и сега, реков дека ние знаевме како да се обединиме за заеднички цели, кога тоа беше важно и одлучувачко. Тоа што ќе го направиме утре ќе го дефинира животот на генерациите по нас. Дали треба на нашите внуки и внуци да им оставиме европска Македонија или проруска Македонија, демократска или диктаторска земја, мир или конфликт, напредок или уназадување“, нагласи лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Чувството е обострано. Симпатии кон кадровските решенија на политичкиот противник нема ниту власта. Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема програма, а во техничката Влада понудиле слаби и нестручни кадри од времето на владеењето на Груевски.
„Панче Тошковски е личен пријател на Мицкоски, негов долгогодишен соработник. Во отсуство на професионален кадар, кој ја познава работата на МВР, очигледно личните релации се единствен критериум. Ѓоко Велковски е претседател на општинскиот комитет на ДПМНЕ во Чаир и советник во општината. Беше назначен за Генерален секретар на Град Скопје, а потоа и разрешен“, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот-учество во преодната влада, но во Собранието пратениците ќе се воздржат од гласање. Од СДСМ пак возвратија, во тој случај министерските места може да останат празни. Исходот ќе биде познат в недела пред полноќ.
Анита Димитријевска – Велковска
