Реакции по одлуката на судот во Хаг
Реакции по одлуката на меѓународниот суд на правдата во Хаг. За жителите во Газа разочарувачки, за аналитичарите – можност Израел да ја поправи репутацијата. В среда свој став ќе даде и Советот за безбедност. Дел од вработените во агенцијата на ОН задолжени за палестинските бегалци под истрага дека му помагале на Хамас.

Жителите во Газа разочарани по одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. За аналитичарите-недоволно строга, но силна порака за заштита на народот во Газа и можност Израел да ја поправи својата репутација.
„Јужна Африка е јасен победник која го донесе меѓународното право пред и во центарот на светот. Но и Израел, не е губитник. Тој даде силен аргумент пред судот и има можност да ја поправи својата репутација“, вели Мери Елен О’конел, професорка по право на универзитетот во Нотр Дам
„Очекувавме построги одлуки-прекин на огнот, враќање во домовите и запирање на крвопролевањето“, вели Јахја Саадат, раселен.
„Она што се случува во Газа не бара суд. Сè е јасно со голо око“, додава Ум Мухамед, раселена.
Арапската група ги разгледува сите детали од одлуката за соодветно да одговори в среда кога заседава Советот за безбедност во Њујорк.
„Ги разгледуваме внимателно сите детали за да преземеме соодветните чекори кои ќе бидат доставени во Советот за безбедност“, рече Ријад Мансур, палестински амбасадор во ООН.
По изнесените наводи на Израел дека дел од вработените во Агенцијата на ОН задолжени за палестинските бегалци, познати како УНВРА, му помагале на Хамас, шефот на организацијата Гутереш нареди итна истрага, додавајќи дека тие се веќе отпуштени.
„Генералниот секретар е ужаснат од оваа вест. Побара брза истрага за да се расчисти вмешаноста и да се преземе потенцијално кривично гонење“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на Генералниот секретар на ОН.
Вашингтон привремено ја прекина помошта за организацијата.
„Се работи за десетина вработени кои му помагаа на Хамас, тие треба да одговараат. Веќе суспендиравме дополнителни средства за УНВРА, но секако ќе разгледаме дополнителни мерки, во зависност од истрагата“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
На терен ситуацијата непроменета. И натаму се водат жестоки борби во областа на Кан Јунис. Не престануваат ниту нападите од проиранските Хути. Погоден британски танкер во Аденскиот залив по што избил пожар.
Бојана Крстевски
