Анализа

Несогласувања, опструкции, но и борба со корупцијата очекуваат експертите од техничката влада

27.01.2024 17:13

Дали техничка влада во комбиниран состав ќе биде можност главните политички опоненти да испеглаат дел од разликите? Аналитичарите очекуваат пречкања и опструкции во владиниот кабинет што ќе ги подгреат предизборните тензии, но најважно е, велат, новиот состав да се залага во борбата со корупцијата…

Земјава влегува во турбулентни 100 дена. Техничката влада тест за главните политички опоненти кои ќе мора да ги надминат разликите и заеднички да ги носат одлуките за спроведувањето на изборите – сметаат политичките аналитичари. Очекуваат да има несогласувања меѓу министрите, но велат тоа нема да има големо влијание на предизборниот период. Според Божиновски, големи одлуки во 100-те дена нема да има. Ингеренциите на техничкиот премиер Џафери и министрите е да спроведат фер и демократски изборен процес.

Според професорот Башким Селмани, несогласувањата ќе биде честа слика на „Илинденска број 2“, но смета дека од голема важност е сите партии кои имаат министри во владата да се заложат за борба со корупцијата и криминалот.

И Божиновски и Селмани со став дека дамка на изборниот процес може да фрли некомплетниот состав на Државната изборна комисија, која е клучна во спроведувањето на двојните избори на пролет. Празното столче во ДИК би отворило можност да не се признае изборниот резултат.

Процедурите кои почнаа со оставките на премиерот Ковачевски и на претходниот собраниски спикер Џафери, се вовед во изборниот процес. На 8-ми мај покрај на парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг е закажан на 24-ти април.

Викторија Милевска